Седнал ми Џемо

Седнал ми Џемо, слободен Џемо,
во таја нива орница,
во таја нива орница, Џемо,
под таја круша летница.

Мајка му дојде на Џемо, аман
и на Џемо збор му прозбори:
- Не седи Џемо, слободен Џемо,
слободен Џемо, распашан.

Не ни е мирна година Џемо,
каури глава кренале,
каури глава кренале, Џемо,
излегол Мицко војвода.

Излегол Мицко војвода, џанам,
со дванаесет другари,
излегол Мицко војвода џанам,
со дванаесет комити.

- Дејгиди мајко, будала џанам,
каурска сабја не сечи,
каурска сабја не сечи, мајко,
каурска пушка не дупи.

Уште ни зборот не го дорече,
пукна ми пушка од гора,
пукна ми пушка од гора џанам,
Џемо ја ми го ранија.

Џемота ми го ранија џанам,
в' десната нога колено,
в' десната нога колено џанам,
в' левата страна срцето.
Забелешка: Песната ја опишува ликвидацијата на Џемаил Ага, која војводата Мицко Крстевски - Поречки (1855 - 1909) ја извел во одмазда.