Марко Крале ја одменува свадбарината

Едно утро Марко ми подранил
из Прилепа Марко из Варошот,
да прошета Косовска наија.
Уште први петли не пејале,
тој се фрли Шарцу на рамена
и ми тргна по бели друмови,
по среде ноќ низ Скопје помина,
дури петли први пропеале,
тој помина Качански клисури,
дури зора утро зазорила,
тој натури Косовска наија,
дури сонце утро да изгрее,
тој ми влезе во Косовско поле.

Ништо Марко среќа не го срети,
саде сретна Косовска девојка.
Марко нејзе вели: – Добро утро,
добро утро Косовко вдовице.
А таа нему одговори:
– Јас не сум ти Косовска вдовица,
тук сум си Косовска девојка.
Тогаш рече Марко Крале:
– Ај ти тебе, Косовке девојке,
ќе те прашам, право да ми кажеш:
што ти тебе коси побелеле,
бело лико ти се расипало?
Али жалиш од рода твоего?
Што не си се млада омажила?
Тога рече Косовка девојка:
– Ја не жалам од рода моего,
туку има триесет години,
как' ми дошол црна Арапина,
од цара ми свадбина прекупил:
кој ќе јунак млади се ожени,
нему сака триесет и три минца,
а девојка која ќе се мажи,
нејзе сакат триесет минцови.
Мои браќа ми се сиромаси,
ми немаат азно да му дадат,
затоа ми коси побелеле,
бело лико ми се расипало!

Тога бара Марко во пазува,
ми извади триесет минцови,
и ѝ даде Косовке девојке.
Тога рече Марко Кралевиќе:
– Да си сакаш момче спроти тебе,
да си сакаш, да си се омажиш
и на Арап свадбина да платиш.
Ќе те прашам Косовке девојке,
ќе те прашам, право да ми кажеш,
жити рода и твојта крвина,
жити вера наша православна,
жити име Христос Исусово,
немој мене ти да ме излажеш:
Каде му се кули Арапови?

Одговори Косовка девојка:
– Кули му се сами познаваат,
под Косово, в' зелени ливаѓе.
Тамо има белана чадора,
на чадорот од злато јаболко,
тоа свети како јасно сонце,
од далеку сами се познават.
Тога стегна Марко Кралевиќе,
тога стегна своја брза коња.
Го догледа стража Арапова,
го догледа уште оддалеку,
му говори црну Арапину:
– Арапине наши господине,
по друм иде страшна делија,
и страшно ми коња налутило,
од нозе му оган искри летат,
од уста ми бели пени паѓат,
од носот му сини пламни бијат,
од очи му секавици пуштат
и најстрашно ми се променило:
на плеќи му кожув од мечиште,
на глава му калпак од волчиште
и во уста нешто црно носи
како јагне половингодишно.

Тогаш рече црна Арапина:
– Ај ви вамо стражари,
вие него убаво пречекајте
и оружје од појас земите,
пратите го при мене да дојде.
Тоа ми е младо неженато,
тоа иде свадбина да плати,
ќе ми даде азно небројано.
Уште Арап лафот не дорече,
ми приближи Марко Крале.
Кога Марко стражари приближи,
а стражари сите избегаа,
кој по поле, кој по планина.

Право трга Арапу на чадор,
Марку нему вели: – Добро утро,
добро утро наши господине,
господине, Арап од прек' море.
Кажи мене што е свадбарина,
да ти платам царска свадбарина,
оти после патов ќе си гледам,
зар сватови на пат ме чекаат.

Тога рече црна Арапина:
– Ај ти тебе, незнајна делијо,
дали уште не си се научил?
Еве има триесет години,
каде седам во рамно Косово:
кој ќе јунак млади се ожени,
нему зимам триесет и три минца,
а девојка која ќе се мажи,
нејзе зимам триесет минцови,
како тебе најголем јунака,
и шеесет пак не ти се многу.

Тога бара Марко во пазуви,
ми извади саде три минцови;
– На ти тебе, наши господине,
на ти тебе, саде три минцови,
верувај ме друго азно немам.
Ко ќе појдам по убава невеста,
што ќе мене дарој ме дарува,
со дарој тебе ќе подарам.

Тога рече црна Арапина:
- Ал ме лажиш, ал вистина велиш,
ал со мене шега ќе си биеш?
И ми зеде тешка топузина,
ми го удри три-четири пати.
Тога рече Марко Крале:
– Бог те убил црна Арапино!
Ал се смееш, ал вистина маваш,
ал од кожув правот ми го тресеш?
Почекај ме и јас да те удрам,
ти ќе видиш јунак како мава.

Пак извади Марко Крале,
ми извади своја топузина.
Кога Марко на Арапин мавна,
фала богу чудо и големо!
Снагата му во земи пропадна,
а глава му на страна побегна.

Пак се пушти по триесет стражари,
двајсет седум сите ги истепа,
а тројца саде ми остави,
да ми личат три млади телали,
да ми личат низ рамно Косово:
– Каде има јунак за женење,
да си сака мома спроти него,
да си сака - да си се ожени!
Каде има мома за мажење,
да си сака момче спроти неа,
да си сака да си се омажи!
Заплатила Маркова десница,
заплатила сета свадбарина.
I do not have a recording of this song. Do you? Help this collection by sending it to [email protected]. Thanks!