Кажи Јано, кажи душо

- Кажи Јано, кажи душо
која вечер јас да дојдам?
Кажи Јано, кажи душо
која вечер Јано, јас да дојдам?

- Кога сакаш, тогај дојди,
со мнозина да не идеш.
Кога сакаш тогај дојди,
со мноѕина џанам, да не идеш.

- Да го земеш тој Ѓорѓија,
тој Ѓорѓија овардата.
Да го земеш тој Ѓорѓија,
тој Ѓорѓија џанам, овардата.

- Тој ме знае кај што седам,
во одајчето варосано (кадросано, чикмосано).
Одајчето ми е мало,
тоа збира џанам, само двајца.

- Ќе јадиме, ќе пиеме
голем џумбус ќе направиме.
Ќе јадиме, ќе пиеме
и на крајот џанам, ќе се зејме.
Забелешка: Зборот „оварда“ значи дарежлив или љубезен човек. Во различни региони на Македонија може да се чуе верзија од текстот каде одајчето е „кадросано“, или „чикмосано“. Кадросано одајче се нарекувало тоа кое било избоено со шари, кои најчесто биле цветни. Чикмосување е правење хоризонтална линија (висока најмногу до една педа) при врвот од ѕидот со една боја, метод кој бил често користен бидејќи валјаците за кадросување не стигнувале до самиот врв.