Кондисал Ајрадин паша

Кондисал Ајрадин паша, аман,
кондисал карши Галичник.
Наличил силни топови, аман,
да ми го горит Галичник.
Галичник село големо, аман
Стамбол на ќутук пишано.

Извадил ѓузлум дулбија, аман,
догледал чешма Упија.
На чешмата до две девојки, аман,
две девојки и една невеста.
Девојки платно белеа, аман,
невеста вода носеше.

Излегол Тодор Попоски, аман,
со ќеаите по него.
Јагне сугаре носеа, аман,
сељам на паша чинејет.
Сељам на паша чинејет,
да не го горит Галичник.

Жалба му падна на срце, аман
дигна си силни топови.
Дигна си силни топови, аман,
не го запалил Галичник.
Галичник, село големо, аман,
в Стамбол на ќутук пишано.
Забелешка: Кондиса значи да отседне на едно место, да се смести. Стамбол е архаично име за Истанбул. Ќутук е пењушка, цепаница, некакво парче дрво. Упија е име на чешма во Галичник. Ќеаи се сопственици на овци. Јагне сугаре значи јагне кое е родено подоцна. Сељам (селам) значи поздрав.