Сношти те пратив на вода ќерко

- Сношти те пратив на вода ќерко,
кој ти ги скрши стомните?
- Темнина беше, не видов мајко,
но как' да беше либето.

- Чекај, причекај ќерко ле мори,
барем да дојде татко ти.
- Татко ми пошол, не дошол, леле,
црниот абер му дошол.

- Чекај, причекај, ќерко ле мори,
барем да дојдат браќа ти.
- Братот ми пошол, не дошол, леле,
црниот абер му дошол.

Давај ме мамо, за него мори,
зар сама ќ' одам по него.


(друга верзија)

- Ти беше сношти на вода, Сирме,
кој ти ги строши стомните?
- Темнина беше, не видов мајко,
мнозина беа, не познав.

- Как' да го видов, мајко ле мила,
как' да ми беше либето.
Как' да ми беше либето, мајко,
с' негова верна дружина.

Со тенка пушка на рамо, мајко,
со остра сабја на појас.
Давај ме мајко, за него леле,
или сама ќ' одам по него.

- Чекај, почекај до вечер, ќерко,
барем да си дојде татко ти.
- Татко ми дошел, не дошел мајко,
црниот абер му дошел.