Што ја нема Цвета мома

Што ја нема Цвета мома,
низ двор да прошета?
Низ двор да прошета Цвета,
боса на налани.
Со налан да тропне Цвета,
со ѓердан да ѕвекне.
Дали болна лежи Цвета,
или болен чува?

Ниту болна лежи Цвета,
ниту болен чува.
Излегла на гумно Цвета,
глава преврзала.
Главата ја боли Цвета,
од жешкото сонце.
- Стани, стани, Цвето моме,
стројници ти дошле.

Стројници ти дошле, Цвето,
стројници скопјани.
- Како дошле, мила мајко,
така нек' си одат.
Јас си имам мила мајко,
либе крушевчанче.
Јас си имам, мила мајко,
либе крушевчанче.